Професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ поднесоа пријава до Антикорупциската комисија против ректорката на Универзитетот, Биљана Ангелова поради сомневање за злопотреба на службена положба. Пријавата е затоа што, како што велат, ректорот Ангелова и додека работела како проректор го прекршила законот со што била дел од надзорен и управен одбор што е спротивно на законот.
Во писмото испратено до медиумите, се вели дека нејзиното повеќегодишно работење има создадено простор за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист, на штета на репутацијата, интегритетот и работењето на најстариот државен Универзитет.
„Според информации на колективот на Универзитетот, спротивно на Законот, и како проректор и по стапувањето на функцијата ректор, лицето Биљана Ангелова врши други функции за кои има законска забрана. Меѓу другите функции, таа е член на управен одбор на приватна компанија во јавноста позната по брендот „Винчини“ и член на Надзорен одбор (орган на управување) на ХАЛК БАНКА АД Скопје“, се вели писмото.
Дополнително Професори од УКИМ тврдат дека Ангелова во 2014 година, како директор на Економскиот институт при Универзитетот била потписник на иницијативата за повторно кандидирање на проф. д-р Ѓорѓе Иванов за претседател на Република Македонија, по што истата година била именувана за претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија во кабинетот на Претседателот на Република Македонија.
„Истата 2014 година, повторно како директор на Економскиот институт при нашиот државен Универзитет, Биљана Ангелова учествуваше во формирањето на приватна Академија за банкарство и информатичка технологија. Со повикување на нејзината тогашна функција на институт на државен Универзитет стана член на Управниот одбор и на Академскиот совет на приватната Академија во кои партиципираат структури од банкарскиот сектор. Оваа приватна Академија остварува профит наплаќајќи ги своите специјализации, при што посебен таргет се студентите. Конкретните специјализации не биле понудени преку државниот Економски институт каде лицето Биљана Ангелова беше директор, туку преку приватната Академија“, се вели во соопштението.
Тие посочуваат дека за нив во академската заедница е страшно што Ангелова, од позиција на проректор и сега ректор на Универзитетот вршела и врши настава, како што велат, и на приватни т.н. академии.
„Меѓу другото, Ангелова е обучувач на „Прогресив академија“ која е регистрирана како фондација, формирана од МАКПРОГРЕС ДОО Виница, во чиј Управен одбор членува лицето Ангелова. Според јавно достапните податоци, надоместот за упис на оваа приватна т.н. академија изнесува 1900 евра. Евидентно е и заобколување на Законот за високо образование“, се вели во соопштението.