На свеченост во Европската куќа во Скопје синоќа беа доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство во Македонија за 2022 година.
Од конкурсот на кој учествуваа 20 пријавени стории и содржеше неколку филтри во минатите пет месеци, според жирито во кое беа Константин Тесторидес, Борис Георгиевски и Филип Рудиќ произлегоа трите најдобри и најквалитетни истражувачки стории за минатата година.
ЕУ наградата за истражувачко новинарство се доделува како дел од проектот „Зајакнување на квалитетот на вестите и истражувачкото новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција – 2“. Наградите се координирани од Томсон медија, а организатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Првата награда без конкуренција ја доби екипата на Истражувачката репортерска лабораторија за документарецот „Нечиста крв“ од авторите Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Маја Јовановска и Трифун Ситниковски.
Во образложението се вели: „Жирито едногласно одлучи да ја награди приказната за злоупотреба на третман на пациенти со КОВИД-19 и профитерство во услови на пандемија, сметајќи дека таа содржи голема релевантност, трудољубивост, длабински и иновативен пристап“.
Приказната на ИРЛ со многу документарни елементи е резултат на долга и опсежна истрага на цел тим и го трасира патот за ваквиот пристап во новинарството.
Тимот на ИРЛ не го криеше задоволството од ваквиот начин на искажување респект за двегодишната макотрпна работа и од наградата во висина од 5.000 евра.
„Уште кога започнувавме бевме свесни дека имаме извонредна приказна и среќна сум што сето тоа го преточивме во така квалитетен новинарски производ, а и затоа што сторијата има такви рефлексии врз општеството. Секако нам најголемо задоволство ни причинува тоа што успеавме да го покренеме и обвинителството кое по допрен глас отвори истрага која е во тек. Ако треба да ги издвојам тешките моменти, покрај притисоците од повеќе страни и моќници кои се обидуваат да не дискредитираат, ќе го споменам и делот на директен и непосреден контакт со семејствата на жртвите кои со нас уште еднаш минуваа низ најтешките моменти“, рече Елена Митревска Цуцковска по примањето на наградата од страна на евроамбасадорот во Македонија Дејвид Гир.
Втората награда и припадна на Фросина Димеска за сторијата со наслов „Избеган украинскиот политичар под санкции на САД, добил македонско државјанство“, објавена на порталот Призма.
Димеска вели дека четири институции се оградувале во текот на истражувањето и дека сите ја префрлале одговорноста за издадената документација со убедување дека тука нема приказна.
„На крајот државјанството на Онишченко му е одземено, а останува допрва да се утврди одговорноста за грешките. Наградата ми е многу значајна затоа што покажува колку е важно редакциите да одвојуваат време и ресурси, и да им дозволуваат на новинарите да работат на една приказна подолго време. Мислам дека трудот вредеше затоа што откри голем системски пропуст“, вели Фросина.
Признанието за третото место го доби сторијата на емисијата КОД, емитувана на ТВ Телма – „Државата не наплати пари од пресудено дело – Неуспешна конфискација на Трансмет“ од авторите Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска Созен.
Лупевска Созен не крие дека ова стимулирање на истражувачкото новинарство од страна на Европската унија ќе го подобри амбиентот за ваквиот жанр, но дека се треба да се надградува.
„Јас и колегата Миомир Серафиновиќ минатата година работевме сами на серијата од 7-8 емисии на тема Трансмет и на 40 емисии со други теми вкупно низ целата година. Тоа исцрпува и затоа овие редакции мора да се зголемуваат, а Телма тоа веќе го стори и затоа најавувам уште вакви добри стории“, рече по свеченоста Снежана Лупевска Созен.