Еден од најактивните вулкани во близина на главниот град на Филипини, Манила, почна да исфрла сулфур диоксид и вулкански смог, поради што властите денеска одлучија да ги затворат училиштата во пет градови и десетици други населени места и го повикаа населението да остане во затворен простор.
Националниот институт за вулканологија и сеизмологија на Филипините соопшти дека ја регистрирал активноста на вулканот Тал, што резултирало со емисија на вулкански гасови, а предупредувањето е на прво ниво на скала од пет, пренесува Ројтерс.
Властите денеска ја прекинаа наставата во десетици градови во провинциите Кавите, Лагуна и Батангас во близина на вулканот Тал, како и во пет градови во регионот на Манила.
Издадено е предупредување за воздушниот сообраќај, за избегнување летови во близина на врвот на вулканот, „бидејќи пепелта и цврстите фрагменти од ненадејната експлозија може да претставуваат опасност за авионите“.
Вулканот Тал, висок 311 метри и сместен во живописното езеро во провинцијата Батангас во близина на Манила, е еден од најактивните вулкани на Филипините, а се наоѓа на островот Лузон.
Во јануари 2020 година, исфрли облак од пепел и пареа висока до 15 километри, принудувајќи повеќе од 100.000 луѓе да се евакуираат, а десетици летови беа откажани бидејќи пепелта леташе до Манила.
Филипините се наоѓаат во пацифичкиот „Огнен прстен“, каде што се чести вулкански активности и земјотреси.