Првиот Претседател на плуралистичкото Собрание на Р. Македонија, г. Стојан Андов, е уште еден истакнат македонски политичар, којшто на домашната јавност и предочува дека Архиепископот охридски г.г. Јован е политички затвореник!
Во неговата колумна за неделникот „Фокус“ г. Стојан Андов, посочува дека од страна на меѓународната заедница веќе доаѓаат сериозни предупредувања за политичките затвореници во Р. Македонија, помеѓу кои, г. Стојан Андов го истакнува и името на Архиепископот охридски г.г. Јован.
Не се случува за првпат еден виден македонски политичар, каков што е г. Стојан Андов, којшто во три наврати беше Претседател на Собранието на Р. Македонија, да објавува дека Архиепископот охридски г.г. Јован е политички затвореник.
И поранешниот Премиер на Р. Македонија, г. Љубчо Георгиевски, во интервју истакна дека за него претставува непобитен факт дека Архиепископот охридски г.г. Јован е политички затвореник („Фокус“, бр. 891/892, 27.07.2012) и дека црковните прашања во Р. Македонија не треба да се решаваат со прогон и затворање на Епископи, монаштво и верници на Православната Охридска Архиепископија (А1on, 30.05.2012).
Во последниве 11 години, пословичното македонско судство по седми (7) пат го става Архиепископот охридски г.г. Јован зад решетки! Тој и денес се наоѓа во затворот во Идризово, со видно нарушено здравје!
Години наназад, во Р. Македонија сериозно бива нарушувано почитувањето на верските слободи и власта продолжува да го штити монополот на една црква на сметка на другите, со што се оддалечува од стандардите на напредните демократии.
Отсуство на државен прогон врз верска основа и целосно почитување на верските слободи за сите граѓани подеднакво – тоа е неопходниот услов за приклучување на Р. Македонија кон општествата со високи цивилизациски достигнувања!