Русија ќе поднесе формален дипломатски протест до Велика Британија поради тврдењата на Путин дека Обединетото Кралство обучувало украински ударни сили за напад во Русија.
За време на говорот на економскиот форум во Владивосток, Путин рече дека неговата безбедносна служба ФСБ испрашувала украински тим кој дејствувал во Русија. „Се испостави дека се работи за диверзантска група на украинските специјални служби“, рече тој.
„Истрагата покажа дека добиле задача да оштетат една од нашите нуклеарни станици со експлозија на далноводи..да ја оштетат работата на електраната. И ова не е прв обид“, тврди тој.
Тој потоа изјави: „За време на испрашувањето тие признаа дека биле обучени под надзор на британски инструктори“.
„Дали тие разбираат со што си играат или не? Дали тие го предизвикуваат нашиот одговор на украинските нуклеарни локации, нуклеарни станици или што?“, рече тој, а потоа додаде: „Дали британското раководство или премиерот знаат што прават нивните специјални служби во Украина? Или воопшто немаат поим? Претпоставувам дека и ова е можно. Претпоставувам дека е можно британските специјални служби да дејствуваат по наредба на Американците. Во секој случај, ние го знаеме крајниот корисник“.
Потоа рече дека знаел дека по неговите зборови ќе има лелеци како „ова се закани“, „нуклеарна уцена“ и слично.
Путин, кој беше шпион на КГБ во Студената војна, исто така на присутните на форумот им кажа дека ги уверувал дека сето она што го рекол е точно. „Ве уверувам дека ова е целосната, чиста вистина“, рече тој.
„Значи, овие момци ни го кажуваат тоа за време на испрашувањето. Знам дека некои можеби ќе речат „сешто ќе кажат на закана со пиштол“. Ова не е вистина. И раководството на британските специјални служби знае дека ја кажувам вистината. Но, не сум сигурен дека раководството на Велика Британија разбира што се случува“, рече Путин.
Сепак, Путин не прецизираше кој огранок на британските специјални служби го обучувал украинскиот диверзантски тим.
Потоа зборуваше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која изјави дека Москва повторно ќе испрати формален дипломатски протест во Лондон поради наводите на Путин, објави Дејли мејл.