Кога злото ќе завладее, гласот и борбата на совесните мораат да бидат најсилни, за да го победат истото. Со внимание го следиме развојот на настаните околу скандалот на Клиниката за онкологија, згрозени од злото кое се плетело со години наназад. ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија бара да се откријат имињата на сите виновници за овој организиран криминал, и истите соодветно да се казнат. Сторителите на злоделото кое е рамно на убиство со умисла, да бидат изнесени пред лицето на правдата и кривично да се гонат, се вели во партиското соопштение од ИНТЕГРА.
– Бараме одговорност од Министерот за здравство и владините функционери кои се инволвирани во овој згрозувачки скандал. Моралниот пад во Македонија е стрмоглав, а тој е основа за сите проклетства. Пробиено е дното на толеранција. Прагот на морална грешка е оддамна поминат. Дојдено е времето за тотална промена. Целото македонско општество мора темелно да се трансформира, да се репостулира на нови здрави морални основи. Со Македонија ќе мора да завладеат морално доблесни луѓе кои ќе му служат на својот народ и татковината.
Имаме само една татковина, да направиме се’ за да го поразиме злото и да издвојуваме победа на доброто во неа. ИНТЕГРА поддржува секаков вид на општонароден отпор и протест против криминогеноста на власта, во надеж дека ќе се создаде критична маса за масовност во процесите на изразување општествен и народен револт. Но, истовремено бараме да се заштити авторитетот и интегритетот на докторската професија, без да се генерализира револтот врз целата докторска фела. Да се биде доктор е благослов и привилегија, значи служење на луѓето, светост, чесност, емоционална интелигенција која е пожртвуваност за здравјето и животите на пациентите. Да ги поддржиме докторите со интегритет и морална доблесност кои се светла точка во здравствениот систем и општеството“, велат од партијата.