Мајката на 29-годишниот навивач на АЕК, Михалис Кацурис, зборуваше за грчки Стар за загубата на нејзиниот син. Таа вели дека бара само правда и да го најде лицето кое го повредило нејзиното дете.
„Во мугрите ме најде сестра ми во дворот и ми рече: Детето е тешко претепано. Отидов во болница и таму полудев. Беше дете со личност, со вера, го читаше Евангелието. Го сакаше АЕК“, вели таа.
Таа вели дека тој ден Михалис се вратил од работа, се одморил и рекол дека оди во кафуле пред стадионот на АЕК. До утрото тој беше мртов.
“Два дена бев во болница. Повеќе би сакала да умрам со своето дете. Животот ми престана кога го изгубив детето. Сега трчам на гробиштата и му палам свеќа”, рекла мајката на Михалис.
Како што вели, верува дека ќе бидат пронајдени оние кои и го убија синот.
„Дојдоа да ми го убијат детето. Ќе се најде неговиот убиец. Ќе биде пронајден, верувам. Дојдоа од странска земја да ми го убијат детето“, рече таа.
„Ќе плати за злото што му го направи на моето дете, нема да остане неказнето“, рече таа за човекот кој го уби нејзиниот син.
Првите ДНК примероци собрани од облеката и телото на Михалис Кацурис не водат до специфичен генетски код и истражителите сега се фокусираат на снимката од нередите пред стадионот на АЕК.
Како што јави грчката ЕРТ, властите се уште не го идентификувале убиецот, но утврдиле дека тој има тетоважа на вратот.
Грчките медиуми јавуваат дека полицијата во истрагата ќе користи специјален софтвер кој ги мери биометриските карактеристики, бидејќи повеќето од сторителите на видеото се облечени во црна облека и нивните лица се целосно покриени. Со помош на овој специјален софтвер може да се измери биометриката на телото на една личност, што ќе помогне во идентификувањето на убиецот на 29-годишниот навивач на АЕК.
Полицијата, според грчките медиуми, смета дека убиецот на Михалис би можел да биде кој било од оние кои учествувале во инцидентите.