Блуз и соул фестивал 2013 ќе се одржи на 20, 21 и 22 септември во Универзалната сала во Скопје.
Програмскиот селектор на Фестивалот Васја Ивановски денеска на прес-конференција истакна дека Фестивалот донел врвни светски имиња што, како што рече, им дава чувство на задоволство. Тој изрази надеж дека Фестивалот во иднина ќе се подигне на уште поголемо ниво.
Фестивалот ќе биде отворен со настап на Давид Нешкоски трио, по што ќе се претстави ѕвездата на вечерта Хенрик Фраишладер и неговиот бенд од Германија.
На втората фестивалска вечер ќе настапи една од најдобрите Чикаго блуз вокалистки Дитра Фар од САД во приддружба на Рафаел Вресниг и неговиот состав од Австрија.
На последниот ден од Фестивалот ќе настапи најновата сензација на британската блуз сцена Врџил енд Акцелерејторс.
Дваесетгодишниот гитарист Давид Нешкоски од Прилеп на прес-конференцијата рече дека блузот е неизбежен дел од неговото музицирање. Тој неодамна го издаде својот прв деби албум.