Екипите на Електродистрибуција почнаа со реализација на проектот за реконструкција на мрежата во Слупчане откако се постигна договор со мештаните на Слупчане, а гаранции се дадени од локалната власт и од страна на сите политички партии, а премиерот Димитар Ковачевски откри зошто ЕВН морала да добие гаранции од институциите.
– Слупчане ми е познато оти со министерот Оливер Спасовски двајцата сме од Куманово. Јас не би генерализирал дека сите граѓани од селото правеле бунт, туку дека се работи за група. Вчера, бидејќи работниците од ЕВН бараат гаранција да можат да влезат за да не бидат спречени од одредени лица, локалната самоуправа им ги даде тие гаранции. Исто така и МВР кое непречено ја одвива работата таму, си има полициски станици таму кои 24/7 функционираат и веќе се работи во Слупчане.
Село Слупчане има голем број домаќини луѓе. Кога ќе одите на Зелен пазар, Бит пазар или во Куманово, нема да најдете производ произведен од Аеродром или Карпош, туку од тие рурални средини. Домаќините си ја плаќаат струјата, но има секогаш луѓе кои сакаат да го злоупотребат тоа и МВР нема да го дозволи – истакна премиерот.
Наредната недела во организација на министерот за економија и градоначалникот на Липково ќе се одржи состанок во општина Липково на кој ќе се договорат сите детали за организацијата и реализација на проектот и со работа на терен ќе се започне од 9-ти август.
Ова доаѓа откако жителите на Слупчане ги уништија трафостаниците за снабдување со електрична енергија и направија дефект од највисок степен, поради што жителите од селото и пошироко останаа без струја.
Жителите на Слупчане завчера не ги пуштија екипите на ЕВН да работат и покрај тоа што на терен беа присутни припадници на полицијата.
За да им дозволат на екипите на ЕВН да работат, мештаните доставија официјално барање до ЕВН, со кое инсистираат да им се опростат сите досегашни долгови кои изнесуваат по неколку илјади евра и да добијат бесплатни нови приклучоци, а без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3000 денари. Во барањето кое ЕВН го достави до „А1он“ жителите бараат верските објекти да не плаќаат струја.