Армијата во западноафриканската држава Нигер на националната телевизија објави дека изврши државен удар. Тие се изјаснија дека го распуштиле уставот, ги суспендирале сите институции и ги затвориле границите на државата.
Претседателот на Нигер, Мохамед Базоум е задржан во палатата во главниот град Ниамеј од претседателските гардисти, а регионалните лидери организираа брза посредничка мисија за да се обидат да спречат уште едно потенцијално грабање моќ во Западна Африка.
Африканската унија и западноафриканскиот регионален блок ECOWAS го осудија, како што го нарекоа обидот за државен удар, повикувајќи ги бунтовниците да го ослободат Базоум и да се вратат во нивните касарни.
Соединетите Држави повикаа на ослободување на претседателот, додека Европската унија, Обединетите нации, Франција и други го осудија бунтот и рекоа дека со загриженост ги следат настаните.
Во телевизиско обраќање во средата, полковникот Амаду Абдрамане, заедно со девет други униформирани војници зад него, рече: „Ние, одбранбените и безбедносните сили… одлучивме да ставиме крај на режимот како што го знаете.
„Причина за тоа е континуираното влошување на безбедносната состојба и лошата економско-социјална состојба“, изјави Абдрамане.
Тој рече и дека сите институции во државата се суспендирани и дека раководителите на министерствата ќе се грижат за секојдневните работи.
„Се бара од сите надворешни партнерски земји да не се мешаат“, изјави полковникот и додаде „копнените и воздушните граници се затворени додека не се стабилизира ситуацијата“.