Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека Украина вратила половина од територијата што Русија првично ја окупираше.
Тој исто така истакна дека украинските сили се соочуваат со „многу тешки битки“ обидувајќи се да вратат уште повеќе територии контролирани од руските сили.
„Околу 50 отсто од териториите првично окупирани од руските сили веќе се вратени. Ова се уште се релативно рани денови на контраофанзивата. Тешко е. Контраофанзивата нема да заврши за една или две недели, туку за неколку месеци“, рече Блинкен во интервју за Си-Ен-Ен, пренесува Ројтерс.
Агенцијата оценува дека надежта дека Украина би можела брзо да постигне напредок и да ги натера руските сили да се повлечат згаснува бидејќи битките против добро позиционираните, зајакнати и координирани руски сили се многу тешки.
На крајот на минатиот месец, претседателот Володимир Зеленски призна дека напредувањето на украинските сили е „побавно од посакуваното“, но тој исто така рече дека официјален Киев нема да подлегне на притисокот за забрзување на контраофанзивата.