Со бродови на крајбрежната служба по морски пат и со автобуси на копно, според локалните медиуми, превентивно се евакуираат жителите и туристите од приморските областите Лардос и Киотари во источниот дел на грчкиот остров Родос поради големиот пожар што веќе петти ден е вон контрола, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку бројот 112 за итни случаи денеска беа испратени две пораки до жителите на вкупно четири села превентивно да се евакуираат, а медиумите пишуваат дека се евакуираат и два хотели.
#Ροδος #Φωτιες Εκκένωση ξενοδοχείων στο Κιοτάρι. pic.twitter.com/ybvEY8Och3
— Βρετανικες Καντηλες (@Fridays_milk) July 22, 2023
Според телевизијата ЕРТ, успешно биле спасени и пожарникарите заглавени во планински манастир, откако обидувајќи се да ги убедат монахињите да се евакуираат и да го напуштат манастирот ги опколиле огнените јазици и останале заглавени во подрумот.
Локалните медиуми од Родос коментираат дека источниот дел од островот е поделен на пола, со оглед на тоа што се затворени патиштата.
Дополнително поради пожарот што е во близина на трафостаница, од Грчкиот оператор за електродистрибуција соопштија дека ќе има наизменични превентивни прекини на електрична енергија во траење од еден час во различни делови на островот со цел да се обезбеди непречено функционирање на електроенергетскиот систем и упатија апел до жителите на островот да ја ограничат непотребната потрошувачка на електрична енергија.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос информираше дека активното жариште е во три области, а интервенираат 173 пожарникари со десет пешадиски тима, 35 возила, пет хеликоптери, три авиони, а како и пешадискиот тим од 31 пожарникар со пет возила од Словачка.