Во новиот Детален урбанистички план (ДУП) што се однесува за делот кај Старата железничка станица, на „шверцерски“ начин е протната зграда која ќе биде висока 23 метри и ќе се наоѓа на паркингот кај „Рамстор“, обвинуваат од иницијативата „Шанса за Центар“.
Со овој ДУП, што заеднички го изгласаа советниците на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ на вчерашната седница на Советот на Општина Центар, од „Шанса за Центар“ велат дека ќе има зголемување и на новиот објект на „КАМ“ кој се наоѓа на спротивниот крај на улицата и кој сега ќе биде повисок за седум метри, односно наместо досегашните 16, сега ќе биде 23 метри.
– Вкупно нови 15 илјади квадратни метри површина се најдоа во планот, во превод, многу милиони евра квадрати деловен и станбен простор“, велат од „Шанса за Центар“ која во Советот на Општина е застапена со тројца независни советници.
Измените кои ги има во ДУП за овој дел од „Шанса за Центар“ велат дека се спротивни од планот даден на јавна расправа и спротивно на Генералниот урбанистички план, а базирани на одлуки од нова и попустлива Комисија формирана 2022 година која одлучила поинаку од Комисијата во 2020 година на барањата по Јавната анкета.
– Иронијата да биде поголема, во документот кој се однесува на заштита и спасување од урнатини, се вели дека објектите се високи 10,3 метри, планерката вели дека се 21 метар, а во измените на планот изгласани вчера се вцртани објекти со висина од 23 метри. Веруваме дека не се работи за превид или техничка грешка, туку намерна конфузија за да се отвори простор за профитерите-моќници кои очигледно имаат поддршка од оние кои треба да носат одлуки во корист на жителите на општината и заедницата – се наведува во соопштението од „Шанса за Центар“.
Според нив, на овој начин, резултатот од политичко-профитерската спрега, како што велат, ќе биде концентрација на моќ и заработка кај малкумина, а на штета на градот и неговите жители.