Норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик, кој е осуден за убиство на 77 луѓе во терористичките напади и масакрот во Осло и на островот Утоја во јули 2011 година, сега е запишан на студии на Универзитетот во Осло.
Брејвик е осуден на казна затвор во траење од 21 година, а ќе студира политички систем и општествено уредување, но нема да може да ја напушта затворска ќелија ниту пак да има контакт со персоналот, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Андерс Беринг Брејвик неодамна беше префрлен од затворот „Ила“ кај Осло во друга казнено-поправна установа со висок ризик во Телемарк, каде што добил своја соба за учење.
Норвешката министерка за образование Кристин Халворсен доби остри критики кога неодамна рече дека правото на норвешките затвореници да студираат не се однесува на Брејвик.
Триесет и четиригодишниот Брејвик го прекинал школувањето кога бил во средно училиште и почнал бизниз, но без голем успех.