Украина се уште треба да исполни голем број услови пред да може да се приклучи на НАТО, изјави денеска Џон Кирби, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден.
Вака САД одговорија на острите коментари на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ги критикуваше лидерите на НАТО затоа што, очигледно, Украина нема да добие временска рамка за приклучување кон Северноатлантскиот договор на самитот што моментално се одржува во Вилнус.
„Веруваме дека НАТО е во иднината на Украина. Тоа е нешто што Алијансата се согласи да го поддржи во 2008 година“, изјави Кирби за Си-Ен-Ен.
„Сега има реформи – добро владеење, владеење на правото, политички реформи – на кои Украина треба да работи, и ние разбираме дека е тешко да се работи на некои од тие реформи кога сте во војна. Се разбира, тие се во војна Членството во НАТО во блиска иднина затоа е малку веројатно бидејќи тоа би го ставило НАТО во војна со Русија“, додаде тој.
Сепак, Кирби призна дека ги разбира фрустрациите на Зеленски, кој на Твитер ги критикуваше дискусиите за можниот пат за членство во НАТО на самитот во Литванија, пишувајќи: „Неизвесноста е слабост“.
„Да, има фрустрации, желба за брзо завршување на оваа војна, ние го разбираме сето тоа“, рече Кирби, додавајќи: „Се разбира, споделуваме многу од тие грижи“.