Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска свечено беа доделени одликувања од Вооружените сили на САД на припадници на Армијата на Република Македонија – од Полкот за специјални операции (пСО) и од Баталјонот на Воена полиција (бВП) за нивното учество во наменските сили „Феникс“ во рамки на мисијата ИСАФ во Авганистан.
Во името на САД одликувањата ги врачи командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, кој на 79-те припадници на пСО и на бВП за покажаните високи резултати и успешното и професионално извршување на задачите за време на учеството во наменските сили „Феникс“ им додели медали за пофалба на Армијата на САД и медали за пофалба и исклучителни достигнувања на Националната гарда на Вермонт.
Генералот Креј истакна дека му е чест што им доделува медали од Армијата на САД на припадниците на АРМ за кои ова е најголемото признание за храброста и извршувањето на задачите, еднакво со припадниците на НГ на Вермонт, со што тие ги исполниле сите стандарди на меѓународната заедница.
Обраќајќи се до одликуваните припадници на пСО и бВП, началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески истакна дека одликувањата се резултат на нивната обученост, храброст, достигнати стандарди и успешно извршување на задачите во мировната операција и нагласи дека во целост ги исполниле очекувањата, уште еднаш потврдувајќи го силното партнерство со припадниците на Националната гарда на Вермонт и Армијата на САД.
Во мисијата „Феникс“ во Авганистан беа распоредени 79 припадници од пСО и бВП кои задачите ги извршуваа заедно со припадниците на НГ на Вермонт и Армијата на САД во период од девет месеци (еднократна ротација) во 2010 година, а контингентот беше распореден во југоисточниот и во северниот дел на Авганистан.
Основни задачи на наменските сили „Феникс“ беа: обука и менторирање на Авганистанската национална армија и полиција, изведување заеднички операции за поддршка на мирот и стабилноста на Авганистан, обезбедување високи личности од воениот персонал на НАТО и ИСАФ, како и делување со коалициските сили на НАТО и САД за поддршка на Авганистанската национална армија и полиција во изградбата на демократијата во Авганистан.