Американската агенција за меѓународен развој-УСАИД денеска го промовираше проектот „Со читање до лидерство’’ кој ќе трае 30 месеци со буџет на УСАИД од 1.722.142 американски долари, а ќе го имплементира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор’’ – Македонија.
Проектот преку иновативни и креативни пристапи и активности ќе работи со избрани училишта од различни региони во државата, со цел да се подобрат јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија, да се зајакнат педагошките вештини на наставниците и да се подигне свеста кај целата заедница за важноста од јазична и математичка писменост. Со проектот првпат во Македонија ќе се спроведат алатки за проценка на постигањата по јазична и математичка писменост кај учениците од почетните одделенија на македонски и на албански јазик.
– Инвестициите за подобрување на писменоста се од огромно значење за благосостојбата на сите граѓани во денешниот, модерен свет. Промените кои се случуваат во начинот на работење, во економијата и во целото општеството, уште повеќе ја потенцираат важноста на писменоста, изјави новиот директор на Мисијата на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн на промоцијата на проектот во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски’’.
Директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ и заменик-директорката на Државниот испитен центар Благица Ласоска ја потенцираа важноста на јазичните и математичките вештини кај учениците од најрана возраст, како битен предуслов за нивниот понатамошен успех.
На настанот беше отворено детско катче полно со книги, едукативни игри и други материјали, а учениците што присуствуваа на промоцијата на проектот имаа можност да учествуваат на сесија заедничко читање со нивните родители и наставници.