Даниел Станчев, четвртообвинетиот во случајот „Софтвери“, ја запроси обвинетата Ирена Ивановска после изрекувањето на пресудите во случајот откако обвинителката побара притвор за него затоа што имало опасност да избега оти бил неженет.
– Во однос на мојата семејна состојба која за обвинителката е околност дека како неженет би се дал во бегство, еве со моето срце јавно ја прашувам Ирена Ивановка дали ќе се омажи за мене. Дали сит после осум години ќе се омажиш за мене. Ти си единствената причина поради која останав во оваа земја – клекна на колена Даниел, а Ирена Ивановска која беше осудена на затворска казна од три години и шест месеци, го кажа судбоносното „да“.
Судијката им честиташе на прекрасниот момент пред да се повлече од судницата за да решава дали ќе им одреди притвор.
– Прекрасен момент за вас двајцата, нека ви е со среќа, но дали имате други причини како околност да се браните од слобода – рече судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.
Во овој случај, првообвинетиот Драги Рашковски е осуден на единствена казна затвор од осум години. Второобвинетиот Ивица Димитровски доби пет години казна затвор. На Игор Христов му е одредена казна од пет години и шест месеци. Четвртообвинетиот Даниел Станчев е осуден на 4 години. Ирена Ивановска доби три години и шест месеци, а хонорарците Игор Ивановски и Маја Силјановска добија по три години затвор.