Четири лица загинаа денеска во пожар кој зафати продавница за електрични велосипеди и се прошири на становите на горните катови на таа зграда во Њујорк.
Две лица се во критична состојба и се пренесени во болница.
Според АП, пожарот бил предизвикан од експлозија на литиумска батерија на велосипед, во продавница која ги прекршила безбедносните правила во врска со складирањето и полнењето на батериите.
„Во продавницата имаше многу голем број и батерии и е-велосипеди. Досега оваа година имало повеќе од 100 пожари и 13 смртни случаи поврзани со експлозија на батерии во градот“, изјави на прес-конференција шефицата на пожарникарската служба на Њујорк, Лаура Кавана.
Сопственикот на продавницата за велосипеди изјави дека пред да ја затвори продавницата вчера ги извршил вообичаените проверки и негираше дека ги оставил литиумските батерии да се полнат преку ноќ.
„Продавницата постои шест години. Проверувам секоја вечер пред да заминам. Синоќа проверив, исклучив струја на се освен надзорниот монитор и автоматската врата“, рече тој.