Даночната управа во Минхен денеска го казни фудбалскиот клуб Баерн со 200.000 евра поради неисплата на законски регулираните минимални плати во неговиот тренинг центар, во периодот од ноември 2016 до ноември 2021 година, пренесува Билд.
Баерн ќе треба да плати и 45.500 евра социјални придонеси и кривични казни.
„Даночната управа во Минхен утринава издаде наредба да се подигнат 200.000 евра од сметката на Баерн. Клубот соработуваше со нас, процедурата е затворена. За нас случајот е завршен“, изјави портпаролот на даночната управа во Минхен, Томас Мајстер.
Тој истакна дека во текот на истрагата било утврдено дека Баерн не ги исплаќал минималните плати во младинската академија и дека вработените работеле повеќе од договореното во договорот.
Од Баерн изјавија дека презеле структурни мерки една година пред почетокот на процедурата, „за да се избегнат платите под пропишаниот минимум во иднина“.
„Баерн никогаш немал намера да ги лиши своите работници од договорената плата“, се вели во соопштението на Баерн и се додава дека клубот ќе ја плати бараната сума на даночните власти.