Во експлозија на минофрлачка граната во петокот во близина на сомалискиот град Корјолеј загинаа околу 27 луѓе, главно деца, а повредени се 53, објави државната новинска агенција.
Официјални лица и жители претходно потврдија за Ројтерс дека бројот на загинати во експлозијата е 20.
„Оваа катастрофа се случи во близина на градот Корјолеј. Тие си играа со неексплодирана минофрлачка граната. Таа експлодираше врз нив. Дваесет од нив загинаа, а други беа повредени“, изјави претходно за новинарите Абди Ахмед, заменик-началник на областа Корјолеј.
„Бараме од владата и хуманитарните агенции да ги отстранат мините и гранати од областа“, додаде тој.
Жителите изјавија дека неексплодираните гранати, со кои си играле децата, ги користеле завојуваните страни во Сомалија.