Претседателот на ДУИ, Али Ахмети е убеден дека Македонија ќе влезе во Европската унија за три до четири години и не сака да крева бело знаме после толку соочувања и тешкотии за земјата.
Оптимизмот го сподели на дебатата на темата „Европски фронт“ организирана за годишнината на ДУИ во хотелот „Александар Палас“.
„Јас сум оптимист, секогаш сум бил и ќе останам. Без да се крене белото знаме. Поминавме многу соочувања и тешкотии и постигнавме успешно да ги завршиме важните поглавја и за државата и за стабилноста. Најголемите оптимисти не мислеа дека некогаш ќе бидеме членка на НАТО, но тоа сега е реалност. И големите оптимисти не би верувале дека Македонија како мултиетничка држава може да биде пример за решавање на проблемите. Ако некогаш сме мислеле дека ќе ни требаат десет години за членство во ЕУ, сега јас верувам дека за три до четири години ние ќе бидеме членка на ЕУ бидејќи и околностите се сменија во полза на тоа овој пат да се забрза“, нагласи лидерот на ДУИ.
Ахмети смета дека треба да се направат уставни измени, а затоа треба да има помирување меѓу сите субјекти што имаат одговороност за судбината на државата.
„Јас мислам дека може да се постигне помирување, да ги стават сите интересите на државата, иднината на генерациите. Нема политички интереси дали ќе победиме на другите избори“ додаде тој.