Високата воена делегација на националната гарда на сојузната држава на САД Вермонт, предводена од командантот на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, денеска беше примена од началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески.
На гостите од Вермонт во ГШ на АРМ им била презентирана трансфомацијата на АРМ, долгорочниот план за развој на одбраната и поддршка на меѓународните мисии, а е разговарано и за учеството во ИСАФ и јакнењето на понатамошната соработка со националната гарда на Вермонт.
Генерал-потполковник Котески на средбата го нагласи партнерството со Националната гарда од Вермонт и посочи дека ќе иницира стратегиското партнерството да биде пренесено на останатите земји од регионот и сојузните држави од САД за изведување на заеднички вежби кои ќе допринесат за зголемување на безбедноста во регионот.
– Македонската армија нема да биде само тренирана, туку во иднина ќе биде и тренер на останатите армии во останатите контигенти, заедно со Националната гарда на Вермонт, изјави Котески.
Истакна дека ова стратешко партнерство би можело да биде пример и да се прошири во останатите сегменти од општеството како во науката, економијата.
Генералот Креј, кој прв пат е во официјална посета на АРМ како командант на националната гарда на Вермонт, истакна дека е горд на соработката со АРМ, особено на достигнувањата на АРМ кои се произлезени како резултат на реализираните заеднички проекти во изминативе години.
– Националната армија на Вермонт и Армијата на Република Македонија заедно реализираа голем број на значајни мисии. Нашата соработка помеѓу вооружени сили е од исклучителна важност за поплочување на патот кон идна соработка, истакна Креј.
Нагласи дека во следните три дена ќе се разговара за продолжување на соработката и на тој начин да се зајакне партнерството со што Македонија ќе остане лидер во регионот.
Војските на Македонија и САД координирани преку познатата воена контакт програма, која е составен дел на севкупната билатерална соработка помеѓу двете армии од 1994 година до сега реализираа обука за над 3.000 припадници на АРМ, што даде соодветен придонес кон достигнувањето на стандардите на НАТО во повеќе области.