Црвениот крст на град Скопје и Американската амбасада во Скопје денеска по петти пат организираа крводарителска акција и акција за донирање храна со цел одбележување на трагичните напади што се случија на 11 септември 2001 година во САД и поттикнување на хуманоста и општествената одговорност.
Американскиот амбасадор Пол Волерс пред присутните, меѓу кои и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, евоцираше спомени од денот на нападите во Пентагон и чадот во Вашингтон, но рече дека и покрај неубавите спомени овој ден секогаш ќе биде посветен на хуманитарните акции и волонтеризмот.
– Наместо само да жалиме, овој ден избравме да погледнеме кон иднината и затоа решивме да биде ден на волонтеризмот, на служба на заедницата, изјави Волерс.
Како пример за волонтеризам посочи на стотината Американци кои како волонтери доаѓаат во Македонија и им помагаат на луѓето.
Оваа акција, според него, е добар начин да се помогне преку дарувањето крв и собирање храна за оние семејства на кои тоа ќе им треба во зимскиот период што следува.
Поддршката што ја имаме од македонските граѓани насекаде е навистина инспиративна. Таа е вистински доказ за успехот што го имаме постигнато со нашата работа на политички, религиски и на етнички план. Успех е тоа што луѓето доаѓаат заедно, да гледаат подалеку од себе и да се фокусираат на други луѓе, изјави Волерс.
Ги охрабри луѓето да погледнат околу себе и да им помогнат на оние што имаат потреба од тоа.
Генералниот секретар на Црвениот крст Саити ја оцени како одлична соработката со Американската амбасада во Скопје.
– Одбележувајќи го овој настан не може да не се осврнеме на 150-годишнината на Црвениот крст и црвената полумесечина во светот. Меѓународното движење денес е најголемото хуманитарно движење во светот, изјави Саити.
Акцијата се одвива од 8 до 16 часот во зградата на Американската амбасада, поради обилниот дожд што паѓаше денеска во Скопје.
Се очекува во текот на денот да бидат собрани 100 крвни единици, што е просек во изминатите четири години и исто така на одредена количина храна, по што ќе се изработат пакети за зимата што ќе завршат до ранливи категории граѓани во руралните средини во земјата и во Скопје.
Меѓу оние кои даруваа крв беа амбасадорот Волерс, пратеници од Собранието на Република Македонија, војници на АРМ, МВР, средношколци од американските училишта во Скопје и Тетово, студенти, граѓани кои сакаат да бидат дел од оваа акција, тим од Црвениот крст и други.