Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ бара од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) итно поништување на наредбата за еутаназија на бездомни кучиња позитивни на лајшманиоза.
Доколку во рок од една недела нема измена на Годишната наредба за здравствена заштита на животните и во измената не им се даде еднаква можност на бездомните кучиња за третман и дом, „Анима Мунди“ најавува дека ќе повика на масовни протести за права на животните. Воедно најавува и правна одговорност.
„Анима Мунди“ укажува дека во член 6.3 од Годишната наредба за здравствена заштита на животните е забранета можноста за третман и вдомување кучиња болни од лајшманиоза.
– Минатата година во Годишната наредба за здравствена заштита на животните им беше дадена можност на бездомните кучиња болни од лајшманиоза да се третираат и вдомат. Дали експертите потфрлиле во 2022 година или овде се работи за чист анимозитет од страна на раководителите во АХВ, за политички реваншизам или за тоа дека ЈП „Лајка“ е раководена од активист. Се обраќаме јавно до АХВ, до директорот Николче Бабовски и бараме итно поништување на наредбата за еутаназија на бездомни кучиња позитивни на лајшманиоза. Во спротивно ќе се соочите со силна осуда на домашната и меѓународната јавност и секако, со правна одговорност за своите одлуки кои нанесуваат штета и компромитираат институција која примарно треба да ги штити животните и нивните права. Информираме дека оваа дискриминаторна политика и пракса ќе биде тужена и за се ќе бараме и правна но и лична одговорност, наведува Здружението.