Педесет и деветгодишниот Јане Петков од Сандански, Република Бугарија, денеска успеа во намерата на Охридското Езеро да исплива два километри и 20 метри, без какви било помагала и тоа врзан во вреќа.
Петков замислената патеката од плажата кај поранешниот хотел „Парк“ до Градскиот кеј во Охрид ја исплива за 2:47 часа, поставувајќи време со кое ќе конкурира за Гинисовата книга на рекорди.
Човекот-амфибија како што го нарекуваат, веднаш по излегувањето од водата изјави дека пречка во „пливањето“ му била ладната вода, но сепак се заблагодари на Бога и на организаторите од охридскиот Црвен крст и пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“, што издржа до крај.
– Немаше никаков проблем, но доколку беше потопла водата можев да пливам и повеќе километри, како на пример, пет, десет или повеќе. Сепак, тоа можеме да го оставиме за следната година, изјави Петков.
Сашо Точков од Црвениот крст на Охрид истакна дека Петков пливал со константна брзина од 0,7 километри на час, без притоа да побара каква било интервенција од екипите задолжени да се грижат за неговата безбедност.
Целиот подвиг на Петков целосно е евиндентиран, со соодветен записник и протокол за целото пливање, за да биде целосна апликацијата што ќе биде поднесена до „Гинис“.
– Ќе аплицираме за признавање на овој резултат кој несомнено е рекорд. Имавме официјални лица од секаков калибар, од медицински офицер, офицер за безбедност, главен судија, помошник судија, техничко лице, претставници на локалната самоуправа и на капетанијата. Оваа апликација со сите потписи ќе биде доставена до Гинис, додаде Точков.
Инаку, со спроведени медицински анализи е утврдено дека Петков боледува од слабокрвност, односно ниско ниво на хемоглобин во крвта, но со личен пример потврди дека тоа не е пречка да ја реализира оваа нескојдневна замисла.