Штипската „Пастрамајлијада“ годинава ќе се одржи кај новата пошта во Штип или на потегот од крстосницата Дујле до Камениот мост, соопшти денеска градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев на состанокот со угостителите.
Захариев соопшти дека новата локација е поголема за угостителите, но и за граѓаните кои ќе доаѓаат од сите градови во земјава.
– Локацијата дава можност за присуство на повеќе луѓе, но истовремено ќе има поголема комоција и за угостителите. Секој угостител ќе добие по 50 метри квадратни, а имаме и неограничен простор во делот на парковите површини, кои се наоѓаат во населбата 8 Ноември. Локацијата е добра затоа што таму има пристап и доволни места за паркирање, рече Захариев.
„Пастрамајлијадата“ ќе се одржува четири дена, од 10 до 13 октомври. Познати балкански ѕвезди ќе има в петок, на 11 октомври. Главниот и завршниот дел ќе биде на 13 октомври, кога завршува манифестацијата.
– Ако донесеме најмалку 30. 000 гости и секој потроши по 5 евра, тоа се 150. 000 евра. Сметајте дека за такви настани се трошат и повеќе пари, а во Штип сметам дека ќе имаме многу повеќе гости. Нашите угостители треба да бидат подготвени и да понудат квалитет, потенцира Захариев.
Околу 40 угостители од Штип се пријавиле дека ќе учествуваат во штипската „Пастрамајлијада“. Општина Штип ја дава логистичката поддршка на угостителите, а во организацијата се вклучени и 30 волонтери.