Неуспешни два состанока имал синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) за кој е неприфатлива понудата од Министерството за финансии по околу илјада денари зголемена плата за вработените. Вториот состанок бил во четвртокот во МОН, во присуство на министерот за образование и претставници од Министерството за финансии. Вработените во ДИЦ го продолжуваат штрајкот и денеска побараа од МОН да го измени календарот за полагање на државната матура затоа што нема да стигнат да ги завршат обврските до 27 мај кога е тестирањето по првиот екстерен испит.
Претседателка на синдикалната организација на ДИЦ, Емилија Бошковска, на прес-конференција изјави дека е невозможно и неизводливо да се постигнат датумите за матурата (27 мај и 10 јуни), а нивното барање до МОН за промена на календарот автоматски би значело и пролонгирање на резултатите од матурата.
-Бараме министерот за образование да почне да разгледува и да преговара со нас кои се следните можни опции за нови термини за државна матура. Искрено се надевам дека ова пролонгирање нема да биде големо, но ќе зависи од нивниот одговор, односно од одговорот на Министерство за финансии. Спремни сме да работиме деноноќно за да ги реализираме обврските особено околу државната матура. Не сакаме да им наштетиме на матурантите со какво било пролонгирање на резултатите, но веќе во прашање се минути, не денови, истакна Бошковска, додавајќи дека не од нив, туку се зависи дали ќе добијат позитивен одговор од Министерството за финансии од кое бараат согласност за нивниот колективен договор.
На прашањето кои би биле последиците за матурантите и нивното запишување на факултет, таа одговори дека не сакаат никого да оштетат.
-Во Македонија уписите се подоцна, а за тие што се запишуваат во странство им се битни. Пак се надевам дека ова нема да значи големо пролонгирање. Можеби денеска ако почнеме, би направиле нешто за да ги постигнеме датумите. Зависи од заедничките напори и договорот помеѓу министерствата за финансии и за образование и наука, рече претседателката на синдикатот на ДИЦ.
Во синдикатот се вклучени сите 29 вработени на ДИЦ и, како што рече Бошковска, има несогласувања околу штрајкот, но се уште се здружени.
-Поголемиот дел од вработените, 20 вработени, се уште се во штрајк, додаде Бошковска.
Тие го одбија предлогот на Министерството за финансии решението да се најде во Законот за административни службеници затоа што на тој начин би добиле само по илјада денари покачување на платите. На 11 од вкупниот број вработени платата им е околу 20.100 денари, а советниците примаат 26 илјади.
На прашањето колкаво е точно зголемувањето што го бараат, таа одговори дека се работи за околу 25 отсто вкупно покачување.
-Нема конкретни суми затоа што станува збор за измена на колективниот договор и на секоја работна позиција е различен процентот на покачување бидејќи беа сублимирани во едно… Некои работни позиции ќе бидат 20, некаде 30, во зависност од тоа каков е распонот, повеќе зависи како сме го направиме распонот на работните позиции, рече Бошковска.
Таа е незадоволна и од тоа што од буџетот на ДИЦ се резервирани средства за пренамена односно за платите на функционерите.
-Значи, 270 до 300 илјади денари се веќе резервирани за нивните плати, а нам ни е понудено по илјада денари од човек, додаде претседателката на синдикатот на ДИЦ.