Евентуална воена интервенција во Сирија ќе предизвика повеќе жртви и ќе доведе до потешко наоѓање на политичко решение за кризата, изјави Карла дел Понте, член на истражувачката комисија на ОН за прекршување на човековите права во Сирија.
– Искуството од Балканот ми кажува дека воена операција ќе доведе до уште повеќе жртви во Сирија. Преговорите се единственото можно решение за Сиријците и сакам до нив да се дојде што поскоро, истакна Дел Понте, која е поранешен главен обвинител на Хашкиот трибунал.
Според неа, во Сирија има „огромен список на неверојатни злосторства и секојдневно тој се зголемува уште повеќе“, потенцирајќи дека тие се извршуваат и од двете страни.
– Во Сирија нема добри и лоши, сите се лоши. Владините сили и бунтовниците подеднакво извршуваат сериозни злосторства. Вакви насилства немам видено дури ни за време на балканскиот конфликт, нагласи Дел Понте.