Вториот по големина американски производител на автомобили, компанијата „Форд Мотор“, планира до 2020 година да ја зголеми годишната продажба на своите возила на осум милиони.
На овој начин „Форд“ до крајот на деценијата ќе треба да го зголеми бројот на испорачени возила за околу 40 отсто, со оглед на фактот дека во 2012 година оваа компанија ширум светот продаде 5,7 милиони автомобили.
Според оценката на директорот на компанијата, Ален Малали, што ја пренесува германскиот дневен весник „Велт“, во остварувањето на оваа цел „Форд“ се потпира на перспективните пазари на САД и Кина.
– Што се однесува до Европа автомобилските пазари го достигнаа дното и дури сега почнуваат да се јавуваат некои сигнали на заздравување, укажа Малали.
За разлика од него, финансискиот директор на „Фолксваген“, Ханс Дитер Печ, не е оптимист. Тој смета дека во следните неколку години нема да има подобрувања на автомобилскиот пазар во западна Европа.
Печ во интервју за германскиот весник „Берзе цајтунг“ изјави дека најголемиот европски производител на автомобили „Фолксваген“, ги намалува трошоците и се обидува внатрешната структура на компанијата да ја направи поефикасна.
Печ верува дека во 2013 година продажбата на автомобили во западна Европа ќе опадне на најниското ниво од 1993 година.
– И иако се забележува некаква стабилизација, „Фолксваген“ не прогнозира каков било значителен раст во побарувачката во следните години, рече тој.