Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поднесе кривична пријава против десет лица вработени во АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, меѓу нив и поранешен генерален директор, поради сомневање дека ја злоупотребиле службената положба и на правен субјект од Вевчани му овозможиле да заработи 715.000 евра.
„и тоа Ц.Г. (57), поранешен генерален директор во Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, С. В. (63), С.С. (66), Ц.И. (70), Л.М. (51), А.Ќ.И. (53), З.Н. (57), А.Т. (40) и Е. С. (43), сите со место на живеење во Скопје, вработени во Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, како и лицето А.К. (39), со место на живеење во Кичево, исто така вработен во акционерско друштво, поради постоење на основано сомнение за сторенo кривичнo делo „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5 од КЗ.
Пријавените, во својство на службени лица (претседатели и членови на комисија за спроведување на јавни набавки) во периодот од 2012 година до 2016 година искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и на тој начин овозможиле правен субјект од Вевчани да се стекне со противправна имотна корист во износ од 44.606.548 денари“, соопштија од финансиски криминал.
Пријавените, постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и покрај тоа што знаеле дека понудата на економскиот оператор од Вевчани за најголемиот дел од услугите кои се барале во спецификација содржела невообичаени ниски цени, од истиот не побарале писмено објаснување за понудените цени, предвидено во чл.163 од Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка за изведба на градежни, градежно занатски, инсталатерски и други работи за тековно и инвестиционо одржување на станбениот и деловниот простор и други објекти со кои стопанисува акционерското друштво и изготвиле извештај во кој е даден предлог за најповолна понуда да се одбере понудата на правниот субјект од Вевчани, потоа било постапено и спротивно одредбите на Законот за јавни набавки, чл.169 и наместо да се увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донесена е Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на АДИССПДП со правното лице од Вевчани е склучен „договор за тековно и инвестиционо одржување на објектите со кои стопанисува акционерското друштво и обврски во гарантен рок со предмет на Договорот изведување на градежни, градежно-занатски работи за тековно и инвестиционо одржување на објектите со кои стопанисува акционерското друштво за Регион 1, Регион 2 и Регион 3.
Притоа на горенаведениот начин во текот на 2012 година С.В. во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, С.С. и Ц.И., членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, Л.М., претставник од Одделението за јавни набавки Комисија за спроведување на јавна набавка, како и Ц.Г. во својство на генерален директор на АДИССПДП, овозможиле на правниот субјект од Вевчани да се стекне со противправна имотна корист во износ од 16.992.519 денари.
Потоа во текот на 2014 година на истиот начин од страна на А.Ќ.И., во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, З.Н. и А.Т., во својство на членови на Комисија за спроведување на јавна набавка и Е.С., претставник од Одделението за јавни набавки, како и Ц.Г. во својство на генерален директор на АДИССПДП овозможено е на правниот субјект од Вевчани да се стекне со противправна имотна корист во износ од 24.001.526,00 денари.
Исто така, во текот на 2016 година од страна на А.Ќ.И., во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, А.Т. и А.К., членови на комисијата, Е.С., претставник од Одделението за јавни набавки, како и Ц.Г. во својство на генерален директор на АДИССПДП овозможено е на правниот субјект од Вевчани да се стекне со противправна имотна корист во износ од 3.612.503 денари.