По наредба на првиот човек на Солунското обвинителство Димитрис Смирнис, обвинителот за кривични дела ќе започне итна прелиминарна истрага за откривање на сторителите на упадот на изложбата во Солун на македонскиот сликар Сергеј Андреевски, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агеција АНА-МПА, истрагата е доделена на Одделот за расистичко насилство, ќе се провери материјалот објавен од сторителите на интернет, ќе бидат повикани да сведочат организаторите на изложбата и сите кои имаат сознанија за инцидентот, а ќе се истражи расно мотивирано насилство, соучесништво и поттикнување за извршување на кривични дела, насилство или раздор.
Како што утрово објави МИА, група маскирани членови на Златна зора, која со судска одлука е криминална организација, упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа каде што е се одржуваше изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски.
Во објавеното видео на т.н „Фронт на подмладокот- Златна зора“ тврдат дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“, коментираат дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, а тие морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, според судската пресуда од 2020 година е криминална организација, а раководството на партијата, поранешни пратеници и членови издржуваат затворска казна.
Портпаролот на грчката Влада Акис Скерцос на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека „не постои никаква толеранција за таканаречените паравоени нацистички групи, никаква толранција за беззаконието, никаква толеранција за заплашувањето на грѓаните“, додека пак партискиот огранок на СИРИЗА од Солун излезе со осуда на „варварскиот упад на маскираните Златнзорци“ во општинската галерија во Солун и побара полицијата да ги уапси сторителите.