Општина Центар денеска ги славеше рокенрол приказните на бардот на македонската драма, Горан Стефановски. Традиционално на 27 април, денот кога е роден Стефановски, општината пред неговото спомен-обележје во Дебар Маало организираше настан, посветен на неговата љубов кон рокенролот. Артистот Александар Микиќ со својата инзворедна глума го збогати настанот со извадоци од рокенрол мистеријата „Лонг плеј“ на Стефановски. Музичарите Марија Каева, Владан Дробицки, Мирко Попов и Дина Јашари ги изведоа популарните рок нумери од „Леб и сол“ и „Фолтин“, чиј автор е исто Стефановски. Перформансот беше во режија на Јордан Симонов.
Градоначалникот на општината, Горан Герасимовски, говореше за уметничкиот бит на Стефановски.
„Можеби некој ќе се запраша зошто годинава одбравме да се посветиме на љубовта на Горан кон рокенролот. Имавме две причини: првата, Горан уште од средношколските денови па се до крајот на неговиот живот го испишувал неговиот музички дневник во кој мошне речито истакнувал колку многу му значела рок музиката. Тој е едниот од ретките колекционери кој имал илјадници плочи и цедиња уште од 60-тите години на минатитот век, а втората причина е – посветата која професорот Горан Стефановски ја напишал на драмата Лонг плеј, на својот некогашен студент Јордан Симонов, а која гласи: ‘За Јоцо, рокерски поздрав, од Горан’“, изјави Герасимовски.
Герасимовски истакна дека Горан Стефеновски преку неговите безвременски дела пренесуваше универзални пораки. Тој преку неговите уникатни драми создаде национална слика за нашиот народ.
„Во земјата на уметноста, Горан беше исто толку роден во Англија, колку и во Македонија. Тој потекнуваше од театарот, како што самиот напишал во есејот ‘Искрата што бега’: Кога луѓето ме прашуваат од каде потекнувам, им велам – од театарот, тие мислат јас се шегувам, ама не е така. Каде што има театарски простор, таму сум сигурен. Сцената е храмот во кој се молам. Дома е таму, кај што е театарот“, рече градоначалникот на Општина Центар.
Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година, почина на 27 ноември 2018 година, на 66 години. Во неговото омилено Дебар Маало, во триаголниот парк е поставено негово спомен обележје.