На предлог од Обвинителството од страна на судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово определена е мерка притвор во траење од осум дена за 43-годишниот лекар – анестезиолог од тетовско Одри кој на социјалната мрежа „ТикТок“ снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал.
До определување на мерката притвор доаѓа откако Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против обвинетиот за кривични дела „несовесно работење во службата“, како и „неовластено снимање“.
-На 15 април 2023 година судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово на В.Д.(43) од тетовско Одри му определил мерка притвор од осум дена и е спроведен во КПУ Затвор „Скопје“ за издржување на притворот, информираше СВР Тетово.
Непосредно пред да биде уапсен В.Д. од полициските службеници на СВР Тетово, случајот го пријавил 49-годишниот директор на болницата.