Група судански лекари денеска соопшти дека најмалку три лица загинале, а десетици се повредени во судирите што почнаа денеска меѓу армијата на земјата и моќната паравоена единица.
Суданскиот медицински комитет во соопштение соопшти дека двајца цивили биле убиени на аеродромот во таа земја, а уште еден маж бил застрелан во државата Северен Кордофан, пренесува АП.
Групата додаде дека десетици се повредени низ целата земја, од кои некои се во критична состојба.
Претходно денеска се слушна пукање во Картум кога дојде до судири меѓу суданската армија и паравоените сили, а судири имаше и во северниот судански град Мерове, пренесува Танјуг.
Суданската паравоена група наречена Сили за брза акција (РСФ) соопшти дека ја презела контролата врз претседателската палата, резиденцијата на началникот на армијата и меѓународниот аеродром во главниот град Картум.
РСФ објави дека официјалната суданска армија опколила една од нивните бази и отворила оган со тешко оружје, додека редовната армија соопшти дека движењата на РСФ биле некоординирани и незаконски.
Суданските политички партии, кои го потпишаа првичниот договор за поделба на власта, денеска ги повикаа државната армија и РСФ, со кои беше потпишан договорот, да ги прекинат непријателствата.