Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод започнувањето на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, и до сите граѓани со исламската вероисповед
„Дозволете ми, од свое име и од името на граѓаните на Република Македонија, да Ви го честитам започнувањето на рамазанските пости, Вам, на Ријасетот на Исламската верска заедница, на муфтиите и имамите и на сите сограѓани припадници на исламската вероисповед, посакувајќи да ги поминете во духот и традицијата на Вашата вера.Соработката и соживотот се приоритет за секој граѓанин на Република Македонија и претставуваат основа за изградба на просперитетно и хармонично општество.
– Традициите на исламската религија се нераскинлив дел од нашето културно наследство и се втемелени во нашето секојдневје. Апсолутно сум уверен дека и во иднина, Исламската верска заедница ќе продолжи да придонесува за меѓусебно разбирање и почитување на сите граѓани. Најискрено посакувам возвишениот месец Рамазан да биде исполнет со мир, здравје, радост и благосостојба“ се вели во честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, од претседателот Иванов.