Министерството за одбрана на Тајван објави дека кинески воени авиони и бродови сè уште оперираат околу островот, неколку дена откако Пекинг објави дека воените вежби официјално завршиле. Тајванското министерство објави дека открило 26 авиони и седум пловни објекти во последните 24 часа.
Од нив, 14 авиони поминаа половина од Тајванскиот теснец и влегоа во тајванската воздушна одбранбена зона за идентификација (АДИЗ).
Министерството во средата објави дека претходниот ден биле откриени 35 авиони и осум пловила. Германската агенција dpa пишува дека Кина на тој начин ги покажува своите воени сили со цел да го заплаши Тајван и да го одврати да се стреми кон независност.
Кина минатата недела одржа тридневни воени вежби како одговор на посетата на тајванската претседателка Цаи Инг-вен на Калифорнија, каде што се состана со претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти. Пекинг објави дека вежбите завршиле во понеделник.