Претседателот Стево Пендаровски ќе го следи внимателно процесот на носење на законските измени на вкупно девет закони кои треба да ја олеснат работата на „Бехтел и Енка“ при експропријацијата на земјиштето и изведувањето на градежните работи и ќе ја чека конечната верзија на законите за да види дали тие ги повредуваат правата на граѓаните.
– Никој не може да знае однапред какви ќе бидат тие закони, може да бидат изменети. Во однос на процедурата, иако се по скратена постапка, не се со европско знаменце и опозицијата ќе има можност да ги даде своите аргументи и амандмани. Битно е што претседателот ќе ја гледа конечната верзија на законите и ако ги повредуваат правата на граќаните и ако завлегуваат во правата на трети лица, се разбира дека тие закони, барем дел од тие закони нема да бидат потпишани – изјави денес Пендаровски.
По предлог на пратениците од ДУИ, СДС и Алијанса за Албанците во собраниска процедура, по скратена постапка, влегоа предлог-измени на девет закони: за шуми, урбанистичко планирање, градење, експропријација, земјоделско земјиште, минерални суровини, културно наследство, работни односи и за јавен интерес.