Рокот кој Министерството за правда го постави преку писмо до институциите и политичките партии за предлагање претставници во работната група за измени на Уставот истекува денес, а ниту една од политичките партии не предложи свој претставник.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека нема да подлегне на притисоците кои се прават над него и дека промена на Уставот во овој парламентарен состав нема да има, па затоа и нема да предложи претставник во работната група за уставни измени.
Но, ова се коси со неговиот предлог за промена на Уставот по теркот на хрватскиот, односно дека е подготвен да се донесат нови амандмани само ако се согласи власта тие да бидат исти како во хрватскиот.
Писмото од Правда беше е испратено минатиот вторник до кабинетот на шефот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и партиите застапени во парламентот, кои мора да одговорат најдоцна до денес. Во групата се поканети да учествуваат експерти од областа на уставното право.
Претседателот Стево Пендаровски во четвртокот потврди дека негов претставник во работната група за уставни измени ќе биде професорот на Правниот факултет Александар Спасов, кој е и негов правен советник.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека најдоцна до понеделник ќе биде утврдено и објавено името на претставникот од Секретаријатот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени.
Маричиќ изјави и дека ова е многу важна работна група и се надева дека сите политички партии ќе испратат свој претставник. Тој ги повика да учествуваат во разговорот за процесот на уставни измени, бидејќи прашањето, како што рече, „порано или подоцна ќе влезе во парламентот и политичките партии ќе треба да заземат став“.
Според него, во уставот треба да се сменат преамбулата и две точки, бидејќи се очекува покрај Бугарите да бидат вклучени уште три национални заедници.