Земјотрес со јачина од 6,3 степени се случил вчера вечерта во Тихиот Океан во близина на Панама, соопшти Американскиот геофизички институт USGS, а панамската цивилна заштита соопшти дека се уште нема информации за жртви и материјална штета. ЕМСЦ наведува дека се работи за земјотрес со јачина од 6,5 степени.
Земјотресот, чиј епицентар бил на околу 80 километри од брегот на Панама, на длабочина од 13 километри, според USGS, бил почувствуван во голем дел од земјата, вклучително и во главниот град, кој е оддалечен околу 350 километри од епицентарот. Панамската цивилна заштита (Синапроц) соопшти дека земјотресот бил со јачина од 6,7 степени и дека се случил во 17:18 часот по локално време (среда во 0:18 часот по средноевропско време).
Земјотресот не предизвика цунами, соопшти Пацифичкиот центар за предупредување од цунами, со седиште во Хонолулу, во американската држава Хаваи.
„Засега нема извештаи за штети од земјотресот“, додаде Синапроц на Твитер, велејќи дека „Националниот оперативен центар за вонредни состојби продолжува со мониторинг и надзор“.