Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром денеска изјави дека повеќе не е сигурен оти неговата земја ќе може да влезе во НАТО до јули, по новите приговори од Унгарија.
Според Ројтерс, Шведска поднеса барање за приклучување кон воената алијанса по руската инвазија на Украина минатата година, но Унгарија и другата членка на НАТО – Турција сè уште не ја одобрија апликацијата.
Се додава дека Билстром минатата недела изјави дека Шведска ќе стане членка до самитот на НАТО во јули во Вилнус.
Тој изјави дека „ги забележал нештата што се зборуваа последните денови, особено од унгарска страна. Мислам дека зборот „надеж“ е посоодветен во овој контекст“.
Турција ја обвини Шведска за засолниште на членови на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Анкара и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка група, а односите меѓу двете земји беа нарушени со протестите во јануари во близина на турската амбасада во Стокхолм, во кои беше запалена муслиманската света книга Куранот.
Шведската влада рече дека сериозно ги сфаќа наводите на Турција, но дека има некои барања, како што е екстрадиција на луѓе кои Турција ги бара, кои не може да ги исполни.
Ројтерс потсетува дека Финска аплицирала за влез во НАТО во исто време со Шведска.