За премиерот Димитар Ковачевски прославата „10 години гордост, историски час на Кичево под албанска власт“ која ја организираше градоначалникот Фатмир Дехари е несоодветна и порача тој како прв човек на општината да прави прослави за сите граѓани од општината.
– Македонија е мултиетничка држава и она што се случуваше во Кичево, според мене е несоодветно бидејќи градоначалникот Дехари е почитуван градоначалник избиран неколку пати. Го избрале граѓани, не од една етничка заедница, туку од неколку етнички заедници. Тој е градоначалник на сите етнички заедници кои живеат во Општина Кичево. Кога се прават прослави, треба да се прават прослави за сите од општината кои живеат во неа – истакна премиерот Ковачевски.
Општина Кичево пред неколку дена прослави десет години од албанското владеење со општината под мотото „10 години гордост“. Целиот град беше украсен само со албански знамиња.
Дехари како член на ДУИ е градоначалник на Кичево од 2013 година, а победи и на локалните избори во 2017 и 2021 година.