Министерството за образование и наука бара од издавачите кои ќе се јават на повикот за доставување на барања за одобрување учебник по англиски јазик на деветгодишно основно образование да имаат остварено годишен речиси милион евра за три години за печатење на учебници за истиот временски период во кој не е испечатен ниту еден учебник по англиски.
Издавачите реагираат дека јавниот повик е дискриминирачки и ќе ги фаворизира само издавачките куќи Арс Ламина и Арбериа Дизајн кои во последните неколку години остварија огромни приходи издавајќи учебници по речиси сите предмети, а издавачите по странски јазици нема да можат да се јават на повикот затоа што немаат остварено приход колку што бара МОН.
МОН бара во повикот издавачите да достават барања за одобрување на учебник по англиски јазик од прво до шесто одделение, барања за учебници по француски, германски, руски и италијански јазик за шесто одделение, како и за англиски јазик за осмо и деветто одделеное на деветгодишно основно образование.
Барање за одобрување учебник по странски јазик може да поднесе домашен издавач како и издавач од друга држава во која е регистриран за издавачка дејност, преку законски застапници во Република Северна Македонија.
Кон барањето за одобрување учебник по странски јазик доставено по објавениот јавен повик, задолжително се приложува и доказ за остварениот приход.
„Доказ дека домашниот издавач/законскиот застапник во Република Северна Македонија има остварено годишен приход од најмалку 20.000.000,00 денари за секоја година поединечно во последните три години кој се однесува за барањето за одобрување учебник по англиски јазик, односно годишен приход од најмалку 6.000.000,00 денари за секоја година поединечно во последните три години, за барањето за одобрување учебник по француски, германски, руски и италијански јазик во основното и средното образование“, стои во јавниот повик на МОН.
Издавачот треба да достави договор или изјава како доказ дека одобрениот учебник ќе го дистрибуира во наредните пет учебни години.
„Секој заинтересиран издавач има право да поднесе барање за одобрување на еден учебник по странски јазик за секое соодветно одделение/година, издаден од странскиот издавач или домашниот издавач кој го застапува во Република Северна Македонија, и/или да поднесе барање за одобрување на еден учебник по странски јазик за секое соодветно одделение/година во сопствено издание“, се вели во повикот.
Секој домашен издавач може да се јави како законски застапник во Македонија на повеќе издавачи од други држави во кои се регистрирани за издавачка дејност.
Домашниот издавач кој е законски застапник на повеќе издавачи од други држави во кои се регистрирани за издавачка дејност, има право да достави повеќе поединечни барања за одобрување за секое соодветно одделение/година, од секој издавач што го застапува поодделно и/или во сопствено издание, со по едно издание на учебникот за соодветното одделение/година за секој издавач.
Рокот за доставување на барања за одобрување учебници по странски јазици е заклучно со 28 април.