На Азиските берзи цените на акциите пораснаа, како и на Волстрит претходниот ден, што најмногу се должи на стабилизацијата на банкарскиот сектор, но тргувањето се одвива претпазливо.
Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, без Јапонија, изнесуваше околу 7 часа плус 0,3 отсто, со што се надополнија вчерашните загуби.
Истовремено, јапонскиот Никеи индекс ослабна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Хонг Конг и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 0,9 отсто.
Азиските инвеститори беа охрабрени од вчерашниот раст на цените на акциите на европските и американските берзи. На Волстрит Dow Jones зајакна 0,60, а S&P 500 за 0,16 отсто.
Растот на индексот главно се должи на растот на цените на акциите во банкарскиот сектор. S&P индексот на тој сектор скокна за повеќе од 3 отсто.
Стравувањата од ширење на кризата во банкарскиот сектор малку се намалија по веста дека First Citizens BancShares на Америка ќе ги преземе депозитите и заемите на неодамна пропаднатите банки во Силиконската долина.
По остриот пад во петокот, вчера закрепнаа и цените на акциите на најголемите европски банки, како швајцарската УБС и Дојче банк.
Од друга страна, технолошкиот сектор се најде под притисок, па индексот Nasdaq падна.
Индексот S&P на технолошкиот сектор е зголемен за повеќе од 15 отсто од почетокот на годината.
И покрај растот на повеќето индекси, на берзите утринава владее внимателност бидејќи инвеститорите се уште се загрижени за банките.
Вчера гувернерот на ФЕД Филип Џеферсон изјави дека притисокот врз малите банки најмногу ќе ги погоди малите претприемачи.
„Овој круг на несигурност најверојатно ќе продолжи. Приказната за банките се уште не е завршена, па нестабилноста на пазарите би можела да трае уште еден квартал“, вели Маниши Рајчаудхури, директор за истражување во BNP Paribas.
А на девизните пазари падна вредноста на доларот во однос на кошницата со валути.
Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 102,60 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 103,10 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 130,70 на 130,60 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0815 долари, додека вчера во ова време беше 1,0765 долари.
Цените на нафтата, пак, загубија дел од вчерашните добивки. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 0,47 отсто, на 77,75 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,11 отсто, на 72,75 долари.