Американскиот државен секретар Ентони Блинкен смета дека спроведувањето на предлогот за европски договор за Косово што го прифатија Белград и Приштина ќе ги охрабри петте преостанати членки на ЕУ да ја признаат независноста на Косово, јавуваат белградските медиуми, повикувајќи се на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Факт е дека двете земји го постигнаа овој договор, и под претпоставка дека ќе го спроведат, мислам дека ќе се придвижат (преостанатите пет земји од ЕУ) кон признавањето (на независноста на Косово)“, РСЕ го цитираше Блинкен на сослушувањето пред членовите на американскиот Конгрес.
На прашањето дали гледа некаков напредок во тоа што некои членки на Европската унија не ја признаваат независноста на Косово и дали американскиот државен секретар разговара со оние пет земји членки на Унијата кои го поддржаа договорот, но не го признаваат Косово, Блинкен рече дека документот го отвора патот до признавање.
„Се поставува тоа прашање, но мислам дека овој договор не става на патот на признавањето од тие земји. Што се однесува до самата Србија, тоа е прашање за друг пат. Меѓутоа, остварувањето на нормалните односи би имало многу позитивни ефекти врз секојдневните односи. Мислам дека ќе дојдеме до тоа за некое време“, одговори Блинкен.