Во пресрет на официјалната посета на претседателот на Република Полска Бронислав Коморовски на Република Македонија на 10 и 11 септември, македонскиот претседател Ѓорге Иванов донесе указ со кој го одлукува неговиот полски колега со Орден „8 Септември“.
Орденот „8 Септември“ му се доделува на претседателот Коморовски за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива рамноправна соработка меѓу двете земји, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија, соопшти кабинетот на Иванов.
Оваа година се одбележува дваесетгодишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Полска. Двете земји во изминатиот период изградија односи на искрено пријателство, кое се карактеризира со меѓусебно разбирање и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план. Македонија и Полска остваруваат плодна соработка во повеќе сфери од заемен интерес.
Орденот „8 Септември“ се доделува како израз на благодарност до полскиот народ и лидерите на Република Полска за негувањето и јакнењето на односите на пријателство и на соработката меѓу двете држави, за силната поддршка и помош во напорите за реализација на стратешките цели и принципиелниот однос кон уставното име на Република Македонија, се вели во соопштението од кабинетот на македонскиот претседател.