Традиционално и оваа година по повод празникот 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија во Охрид ќе биде организиран Меѓународниот атлетски маратон.
Триесте километри маратонците ќе ги трчаат од граничниот камен кај караулата „Свети Наум“ до целта на Градскиот кеј во Охрид. Натпреварувачите ќе бидат поделени во две категории, мажи и жени, со тоа што стартот на трката ќе почне истовремено, в недела во 10 часот.
Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, досега учество на трката пријавиле 41 атлетичари, од кои седум маратонки. Меѓу учесниците оваа година како фаворити се издвојуваат двајца маратонци од Унгарија, како и трикратниот победник на трката во Охрид Велимир Бојовиќ од Србија, додека кај жените на патеката ќе ги видиме и Маријана Лукиќ која има две победи во Охрид, како и црногорката Слаѓана Перуиновиќ, рекордерка на патеката од 2010 година.
Охридскиот атлетски маратон првпат беше организиран во 1976 година, по повод Денот на ослободувањето на градот – 7 Ноември и се одржуваше се до 1993 година. После еднодецениски прекин, маратонот повторно се организира од 2004 година, на 8 септември по повод Денот на незаносноста.