Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борељ, на 18 март во Охрид, Северна Македонија свика средба на високо ниво во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, соопшти Дипломатската служба на Европската унија.
Како што се наведува во соопштението, учеството го потврдиле претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Аљбин Курти.
Борељ и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак најпрво ќе имаат одвоени средби со Вучиќ и Курти, по што ќе следи заедничка трилатерална средба.
Како што пишува во соопштението, на средбата ќе стане збор за финализирање на Анексот за имплементација на Договорот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.