Вработени во одржување на влечни и влечени средства при ЖРСМ Транспорт АД Скопје/Влеча на возови втор ден ја бојкотираат работата.
Во соопштението наведуваат дека продолжуваат со бојкотот поради неисполнување на поставените барања и потенцираат дека „вчера од 08:00 часот на локомотивите и патничките гарнитури не е направен дневен преглед што значи дека сообраќајот не е безбеден“.
-Директорот Сашко Ангеловски, кој е член на Управниот одбор самоволно локомотивите и патничките гарнитури ги изнесе од депо без извршен дневен преглед и ги однесе на железничка станица, врши притисок врз вработените кои бојкотираат и дели предупредувачки решенија пред отказ што не е во негова надлежност. Вработените револтирани од неговиот однос бараат оставка од него поради неговата неспособност, се наведува во соопштението.
Барањата на вработените, кои се во бојкот, се зголемување на коефициентот на сложеност за 0,30 проценти, греење во работните простории, заштитна опрема, како и нови вработувања за да опстои фирмата.
Од ЖРСМ Транспорт велат дека засега бојкотот на вработените не се одразува на одвивањето на железничкиот сообраќај бидејќи се уште имаат возни средства за кои е извршен преглед. Доколку продолжи бојкотот подолго време тоа ќе влијае и на сообраќајот.