Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун енергично се заложи денеска против воена акција во Сирија, предупредувајќи дека тоа може да разгори секташко насилсто во земјата што веќе се соочува со хуманитарна криза „без преседан“ во поновата историја.
Бан во своето обраќање на состанокот посветен на хуманитарни прашања организиран од Велика Британија на маргините на Самитот на Г-20, ги повика светските сили да ги остават на страна разидувањата за Сирија и да преземат заедничка акција за помош на сириските жители.
– Морам да предупредам дека лошо размислена воена акција би можела да предизвика сериозни и трагични последици и тоа со зголемена опасност од понатамошно секташко насилство, изјави Бан.
Генералниот секретар на ОН оценувајќи дека станува збор за хуманитарна криза од невидени размери во поновата историја, ја истакна потребата да се избегене понатамошна милитаризација на конфликтот и поенергично да се побара политичко решение.
Повикувајќи на единство во обезбедувањето хуманитарна помош за цивилното население, Бан истакна дека поради недостиг на финансиски средства, бегалците во соседните земји наскоро би можеле да останат без храна.